
Советникот Костадиновски од СДСМ со пофалби за Ѓорѓиевски: „Припор повеќе нема проблеми“
Координаторот на советничката група на СДСМ во Општина Кисела Вода, Тоше Костадиновски, од говорницата на Советот јавно му оддаде признание на актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски за реализираната работа во општината.
Во своето обраќање, Костадиновски истакна дека по осум години како советник, одлучува да се повлече и да не се кандидира за трет мандат, со образложение дека најголемите проблеми во населбата Припор, кои траеле со децении, веќе се решени.
„Јас сум дел од овој совет веќе осум години и сме при крајот од вториот мандат. Чувствувам одговорност и задоволство да им се обратам на граѓаните, да им се заблагодарам за поддршката и воедно да се откажам од битката за нов трет мандат, бидејќи сите проблеми кои го гушеа Припор во изминатите 30 години се веќе решени. На идните советници ќе им остане она што се нарекува шминкерај по улиците“, рече Костадиновски.
Тој се заблагодари и на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, како и на сите советници за заедничката работа и постигнатите резултати.