
Инспекциски надзор 24/7: Битола со засилен теренски мониторинг за поголем ред и безбедност
Општина Битола донесе одлука Секторот за општински инспекторат да биде целосно активен на терен и надвор од утврденото работно време, како реакција на зачестените пријави за прекршоци и девијантно однесување на нејзина територија.
Инспекциски дежурства ќе се спроведуваат секојдневно, како во и надвор од редовното работно време, така и за време на викенди и празници. Инспекторите ќе вршат редовни надзори и обиколки со цел да се спречат и санкционираат незаконски постапки во области како градежништво, јавна чистота, сообраќај, услужни дејности и злоупотреба на јавни добра.
Граѓаните добиваат можност да пријавуваат несоодветно однесување и сомнежи за прекршоци преку дежурниот телефонски број 075 388 797.
„Оваа мерка има за цел да спречи нерегуларности и да обезбеди мирна, безбедна и квалитетна животна средина за секој жител. Тоа е законско право на сите граѓани, а Општина Битола ќе ги вложи сите ресурси за негова целосна реализација“, информираат од општината.
Со оваа иницијатива, локалната самоуправа повторно ја потврдува својата посветеност кон ефикасна, законска и одговорна грижа за јавниот интерес.