
Прва затворска казна за убиство на животно: Љубе Крстевски осуден на три месеци
Основниот кривичен суд во Скопје донесе пресуда за еден од најпознатите случаи на насилство врз животни во Македонија – убиството на кучето Феликс. Судијката Лидија Петровска ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски, кои според обвинението, на 19 ноември 2024 година, го малтретирале и повредиле животното, од што тој починал неколку недели подоцна.
Крстевски доби ефективна казна од три месеци затвор, додека Билбиловски е осуден на парична казна од 1.000 евра, пресметана преку сто дневни глоби по 10 евра.
Според обвинителниот акт, Крстевски со тврд предмет налик на стап го удирал кучето во пределот на главата, нанесувајќи му тешки повреди – потрес на мозокот и хематоми. Заедно со Билбиловски, го врзале Феликс со жица, го влечеле до контејнер и го фрлиле, убедени дека е мртов. Животното сепак преживеало, но по неколкунеделна агонија, починало на 7 јануари 2025 година.
Делото е санкционирано според член 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична или затворска казна до три години за оној што ќе усмрти животно без оправдана причина или ќе го изложи на непотребни маки.
Случајот го водеше јавниот обвинител Зоран Здравев, а оваа пресуда се смета за прв случај во земјава каде за вакво дело е изречена ефективна затворска казна – чекор што здруженијата за заштита на животни го поздравија како значаен напредок во борбата против насилството врз животни.