
Руте: Ако не ги зголемиме трошоците за одбрана – ќе учиме руски
– Ако Си Џинпинг реши да го нападне Тајван, прво ќе му се јави на Владимир Путин за да предизвика вознемирување во Европа со напад на територија на НАТО, изјави Марк Руте генералниот секретар на САД, додавајќи дека такво сценарио е можно за пет до седум години.
Руте нагласи дека за да се спречи ова, земјите-членки на НАТО мора да ја зајакнат својата воена моќ за да ги одвратат Русите и да ја интензивираат соработката со Индо-Пацифичкиот регион во одбранбената индустрија и иновациите.
– Русија ја гради својата воена моќ со невидено темпо, произведувајќи трипати повеќе муниција за три месеци отколку сите земји на НАТО за една година, истакна тој, потенцирајќи ја соработката на Русија со Северна Кореја, Кина и Иран, што ги поврзува Индо-Пацификот и Атлантикот.
Тој повика на зголемување на трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП, според договорот од јунскиот самит на НАТО, бидејќи сегашното ниво од 2 отсто е недоволно за заштита на Алијансата.
– Мораме да го подготвиме целото општество, не само војската. Ако не го сториме тоа, ќе мораме да учиме руски, предупреди Руте, истакнувајќи го огромниот обем на руските инвестиции во вооружени сили, тенкови, противвоздушна одбрана и артилерија.
Тој го посочи и недостигот од одбранбена индустрија во НАТО способна да се спротивстави на Русија или Северна Кореја, додавајќи дека Алијансата работи на решавање на овој проблем.