
Наслов: Просветните работници од Бутел во фокусот на првите теренски средби на Ѓорѓиевски
Орце Ѓорѓиевски денеска ги започна своите теренски активности од општина Бутел, каде што оствари средба со просветните работници од сите осум основни училишта. Присутен на средбата беше и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.

Во фокусот на разговорот беа секојдневните предизвици со кои се соочуваат наставниците, како и нивните предлози за подобрување на образовниот процес на локално ниво. Ѓорѓиевски нагласи дека тие предлози ќе бидат вреднувани и земени предвид при креирање на идните политики.

„Наставниците не се само преносители на знаење, туку вистински носители на иднината. Наша обврска е да ги слушаме, почитуваме и поддржуваме“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој изрази благодарност до Костовски за придонесот во развојот на општината, оценувајќи дека Бутел денес изгледа непрепознатливо подобро од порано.

„Со заедничка работа и поддршка од институциите, ќе продолжиме да реализираме дела што ќе донесат вистински промени во секоја скопска општина“, додаде Ѓорѓиевски.

Посетата на Бутел е првата од серијата теренски активности низ Скопје, кои ќе се реализираат секојдневно во пресрет на новиот развоен циклус за главниот град.