ВЛЕН обвинува: ДУИ беше продолжена рака на Белград, денес глуми спасител на државата

Македонија

Движењето ВЛЕН упати жестока критика кон Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја за дволичност, системска корупција и долготрајна соработка со антиевропски и антиалбански структури во регионот. Од ВЛЕН потсетуваат дека токму ДУИ била меѓу првите партии кои со ентузијазам ја поддржале иницијативата „Отворен Балкан“, проект зад кој стојат Белград и српските геополитички интереси на Балканот.

„ДУИ, партија чии функционери се вмешани во судски скандали, корупциски афери и блиски релации со бизнисмени од сивата зона, денес се претставува како бранител на државните и националните интереси. Тоа е лицемерие од највисок степен“, стои во соопштението на ВЛЕН.

Според нив, токму луѓето од врвот на ДУИ, како Артан Груби и Перпарим Бајрами, имале деловни врски со лица од српското подземје преку заеднички интереси во бизниси со казина. ВЛЕН потсетува и дека поранешни функционери на ДУИ биле оние кои барале враќање на Груевски и ослободување на Мијаљков, што е, како што велат, доказ за длабоката поврзаност на оваа партија со криминални структури.

„Иронијата е што токму ДУИ, која на црвени килими пречекуваше функционери од Србија и дури го донесе рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Скопје, денес сака да се прикаже како патриотска опозиција,“ велат од ВЛЕН.

Тие додаваат дека целиот таканаречен патриотизам на ДУИ е само обид за дефокус од вистинските проблеми – страв од пораз на следните избори и загуба на моќта и привилегиите стекнати во последните две децении.

„ВЛЕН ќе продолжи да работи за граѓаните – за владеење на правото, европска интеграција и заштита на интересите на Албанците во државата, без сервилност и без празни флоскули. Со полна посветеност го градиме Коридорот 8 и го зајакнуваме стратешкото партнерство со САД,“ стои во реакцијата.

Од движењето порачуваат дека Северна Македонија конечно е во сигурни раце, ослободена од канџите на корупциските кланови кои со години биле поддржувачи на секој проект што доаѓал од Белград, само за да го задржат својот политички и економски комодитет.