
„ВЕРО Холдинг“ со милионски инвестиции во Македонија и Србија
Грчката малопродажна група „ВЕРО Холдинг“ (VERO Holding) објави амбициозен план за проширување на своето присуство во Македонија и Србија, вклучувајќи отворање нови продавници, изградба на логистички центри и модернизација на постојните објекти.
Претседателот на компанијата, Никос Веропулос, најави дека на почетокот на 2026 година „ВЕРО“ ќе преземе објект од 4.000 квадратни метри на периферијата на Белград, додека во Србија веќе е обезбедено и земјиште од 20.000 квадратни метри за изградба на нов логистички и дистрибутивен центар со површина од 12.000 квадратни метри.
„Нашиот пристап се базира на доверба – на нашите полици ги нудиме брендовите што ексклузивно ги увезуваме, што нè издвојува од конкуренцијата и ни носи стабилен раст“, изјави Веропулос, потенцирајќи дека компанијата веќе бележи раст од 6,5 проценти на српскиот пазар.
Во Македонија, „ВЕРО Холдинг“ најавува отворање на нова продавница до крајот на 2025 година. Дополнително, компанијата има обезбедено земјиште за изградба на уште еден објект, а за 2025 и 2026 година е планирана целосна модернизација на постоечката малопродажна мрежа.
Со овие инвестиции, „ВЕРО“ го зацврстува своето присуство на Балканот, со фокус на логистичка ефикасност, проширување на понудата и унапредување на купувачкото искуство.