Општина Битола продолжува со развој на велосипедската мрежа

Македонија

По повеќе од една деценија упорност и активизам, Општина Битола го остварува својот сон за „велоград“ со изградба на нови велосипедски патеки и промоција на паметна урбана мобилност. Со над 5 километри нови велопатеки и уште планови за проширување, Битола станува пример за современ и одржлив град.

Градоначалникот Тони Коњановски ја започна својата работна недела со симболично возење велосипед до работа, испраќајќи порака за личен пример и поддршка на вело-културата како дел од стратегијата за поеколошки и поздрав живот во градот.

Во тек е уредување на постоечките велосипедски патеки со поставување соодветна сигнализација и расчистување на теренот, како и изградба на нови велосипедски рути, вклучувајќи ги и просторот околу поранешната касарна АРМ.

 

Реконструкцијата на тротоарите на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“ е финансирана од Буџетот на Општина Битола и е дел од проектот Smart4you2, поддржан од Европските фондови. Оваа инвестиција ја потврдува посветеноста на општината да создаде побезбедна, побрза и попристапна урбана средина, која ќе ги мотивира граѓаните да го одберат велосипедот како транспортно средство.

Со овие активности, Општина Битола не само што ги подобрува условите за велосипедистите, туку и ја промовира здравата мобилност и зелениот туризам, што ја прави Битола привлечна дестинација за сите кои сакаат активен и одржлив начин на живот.