Ѓорѓиевски: Кисела Вода поддржува над 3200 пензионери со финансиска помош

СКОПЈЕ

Општина Кисела Вода започнува со исплата на финансиска помош за над 3200 пензионери со ниски примања, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Во првата тура, 1388 пензионери утре ќе добијат по 2500 денари на своите сметки, со дополнително покриен персонален данок од страна на општината.

„Нашите највозрасни сограѓани се столбот на државата и нашето општество. Со почит кон нивниот труд и животен придонес, продолжуваме да градиме заедница во која секој е вреднуван и поддржан,“ истакна Ѓорѓиевски.

Помошта е наменета за пензионери кои примаат старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија и чиј месечен приход не надминува 22.640 денари. Втората тура на исплата ќе следи во наредните денови, опфаќајќи повеќе од 1800 пензионери.

„Оваа мерка е уште еден чекор во нашата континуирана грижа за повозрасните жители, со цел да им обезбедиме подобар квалитет на живот,“ порача градоначалникот Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека најдоброто допрва доаѓа.