
(Видео) Мицкоски: Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес
Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес, изјави премиерот Христијан Мицкоски, на заедничката прес – конференција со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст што се одржува во Скопје.
Тој кажа дека Западен Балкан се приближува кон Европската Унија не со зборови, туку со дела, со реформи, резултати и со интеграција што се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните.
„Фактот што сме домаќини на овој лидерски самит е важна симболична потврда за нашата регионална и европска релевантност. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап. Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и создавањето решенија. На денешните разговори се фокусиравме на реализација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој претставува историска шанса за сите нас. Тоа е механизам кој ни овозможува не само пристап до инвестиции и фондови, туку и мотивирачка рамка за унапредување на владеењето на правото, ефикасноста на институциите и економската конкурентност“, рече Мицкоски.
За нас, додаде тој, овој план не е формалност. Според Мицкоски, тоа е алатка преку која ќе ја трансформираме земјата, ќе ги модернизираме јавните услуги, унапредиме образованието, ќе инвестираме во енергетска и дигитална инфраструктура и ќе ја направиме татковината вистински европски дома – пред да стане формално дел од ЕУ.
Но, исто така, додаде Мицкоски, сакам да бидам јасен дека нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум. Со прифаќање на европските вредности.
„Меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за Европската Унија, и туѓо за нас“, рече премиерот.