Меџити: ДУИ се враќа со деструктивни сцени и поттикнување омраза, Албанците не веруваат во нив

Македонија

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, остро реагираше на најновите напади од редовите на ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека наместо да делува како одговорна опозиција, се обидува да се врати на власт преку сценарија за дестабилизација и ширење меѓуетничка омраза.

„Сценаријата ги води ‘шефот во бегство’, човекот зад лажните вести, финансиран од руско-српската подземна мрежа инсталирана преку коцкарниците и казината што токму ДУИ ги донесе во државата“, изјави Меџити.

Тој потсети на неуспешните обиди на ДУИ да се наметне преку поддршка на Арбен Таравари и Данела Арсовска, додавајќи дека сега вината за сите свои политички неуспеси ја префрлаат на коалицијата ВЛЕН.

„Тие сами го укинаа Балансерот, па ја обвинија ВЛЕН. Сами го оставија Законот за јазиците недовршен – пак вината кај ВЛЕН. Ја регистрираа дијаспората по методологија што самите ја предложија, а денес – повторно ВЛЕН е виновен“, посочи Меџити.

Тој додаде дека се работи за класичен пример на стара политичка пропаганда – измислици, поделби и самовиктимизација.

„Но Албанците веќе не им веруваат на тие што бегаат од правдата и сакаат да се вратат преку хаос. Иднината се гради со правда и одговорност, а не со лаги и страв“, порача Меџити.