Судот утврдил дека Петровска ширела лаги против премиерот, тој побара таа јавно да му се извини

Македонија, Политика

Премиерот Христијан Мицкоски објави дека Граѓанскиот суд во Скопје донел правосилна пресуда со која се утврдува дека поранешната министерка и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, јавно ширела лаги и клевети против него.

Во статус објавен на социјалната мрежа Фејсбук, Мицкоски истакна дека судот наложил Петровска да му се извини и да ја објави пресудата во медиумите. Тој ја нарече оваа одлука „уште една потврда дека на лагата ѝ се кратки нозете“.

„Ова не е само моја лична битка, туку битка за принципи, за вистината, за достоинството на секој поединец кој не дозволува неказнето да му се лепат лаги“, напиша Мицкоски.

Тој обвини дека СДСМ не се промениле и дека продолжуваат да го потценуваат народот со, како што вели, клевети и манипулации. Премиерот подвлече дека граѓаните се доволно мудри за да препознаат вистински вредности, а кариерите, изградени врз измами и политички лаги, тврди тој, нема да траат.

„Продолжуваме посветено, чесно и со крената глава. Лагите ќе паднат. Вистината победува“, посочи премиерот.

Петровска, пак, кратко му возврати преку коментар на неговиот пост: „Премиере, само да напоменеме, не се појавивте на суд и спорот заврши во едно рочиште. Среќна 1949 година.“