
ВМРО-ДПМНЕ: Мандатот на Митовски разочара, Крива Паланка заслужува подобро
ВМРО-ДПМНЕ остро го критикува досегашното работење на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски од редовите на СДСМ, оценувајќи дека неговиот мандат бил исполнет со скандали, празни ветувања и нереализирани проекти. Во партиското соопштение се наведува дека граѓаните не добиле ништо суштински во изминативе години, освен „партиски вработувања, презадолжена општина и упропастено општинско претпријатие“.
„Ако во нешто постигнал рекорд, тоа е бројот на поништени тендерски постапки. Но и тоа отвора сомнежи – дали се барале провизии или се чекаше подобра понуда?“, прашуваат од опозициската партија.
Според нив, Митовски е фаворит на Венко Филипче за претстојните локални избори, што го толкуваат како доказ за „очајната состојба во СДСМ“.
„Граѓаните нема да наседнат на истите лаги по вторпат. Крива Паланка заслужува нов градоначалник, кој ќе работи за нив, а не за личен интерес. Време е за промени“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.