
Граѓаните преку владина апликација ќе ги „ловат“ ниските цени во маркетите
Граѓаните преку апликација ќе ги „ловат“ ниските цени во маркетите во Северна Македонија. Министерот за економија, Бесар Дурмиши, на прес-конференција најави дека во следниот период, во соработка со Владата, ќе се изработи апликација којашто преку алгоритам ќе ги споредува цените и на граѓаните ќе им покажува кој продукт е најевтин во нивна близина.
Ова следи откако претходно маркетите добија обврска, согласно Законот за заштита на потрошувачите, да ги објавуваат цените на своите страници, со што требаше да се обезбеди поголема транспаретност и контрола, а како резултат на утврдени неправилности и голем пораст на цените во одредени поголеми маркети.
Кампања за купување домашни производи
По неколкуте краткорочни мерки за ограничување на маржите на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо, се прават анализи за нови мерки коишто ги дале резултати и на краток, но и на долг рок.
„Работиме во насока да се воведат мерки кои ќе дадат долгорочни резултати. Се работи на тоа да ги поддржиме нашите земјоделци и производители, бидејќи досега не е направена мерка или поддршка за нив.Со тоа ќе се намалуваат цените на производите, бидејќи ќе се произведуваат дома. Со поддршката на домашните производители и земјоделции индикректно ќе се влијае на домашното производство“, вели Дурмиши.
Тој додава дека во рамки на Министерствоот за економија ќе дадат предлог сите трговци и маркети да обележуваат на рафтовите кои производи се домашни, а кои увезени. Владата деновиве најави дека ќе прави кампања за купување домашни земјоделски производи, со која очекува да се поттикне растот на домашната економија.
Потрошувачка кошничка сепак за четиричлено семејство
Министерот за економија информираше дека во завршна фаза е изработка на официјална потрошувачка кошница, која сепак ќе биде за четиричлено, а не за тричлено семејство. Кои производи ќе ги содржи таа и нејзиниот износ ќе биде соопштено откако ќе се формира Економско-социјалниот совет (ЕСС).
Дурмиши вели дека кошницата ќе биде „реална, многу добро изготвена и со податоци од релевантни институции“.
Потрошувачката кошница на ССМ покажува дека за четиричлено семејство се потребни над 1.000 евра за да се преживее месецот. Но, Дурмиши смета дека оваа кошничка не е реална и соодветна.
„Затоа правиме нова, со реални податоци колку му треба на четиричлено семејство да троши за храна, пијалаци и други потреби“, рече Дурмиши одговарајќи на новинарско прашање. Според него, синдикатите во пресметката земаат цени само од еден маркет, а кошницата што се подготвува ќе ги земе предвид цените од три до пет маркети, по што ќе се извлече просечната цена.
Првичните најави беа дека Владата ќе крои нова потрошувачка кошница, но за тричлено семејство, којашто ќе содржи цени за сезонско овошје и зеленчук, но од домашно производство. Идејата беше во пресметките да не влезат трошоците за цигари, алкохол, како и одмор во странство, коишто се сметаат за луксуз.