
Меџити најавува масовна набавка на електрични автобуси и големи инфраструктурни проекти во екологијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, на денешната прес-конференција истакна дека во тек е постапката за набавка на 110 електрични автобуси кои ќе бидат распоредени во различни урбани средини, како дел од напорите за подобрување на квалитетот на воздухот во земјата.
Меџити посочи дека минатата година почна реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега – унапредување и обнова на водоводниот и канализацискиот систем во 80 општини со поддршка од Европската инвестициска банка од 50 милиони евра. Во Скопје, пак, се гради постројка за третман на отпадни води, еден од најзначајните проекти на деценијата во оваа сфера.
Министерот нагласи дека е во подготовка и новиот Закон за воздух, со кој ќе се усогласат европските стандарди, додека веќе се заменети старите системи за греење во неколку градови, а шест еколошки автобуси се ставени во употреба.
Дополнително, со поддршка од ИПА проектите зајакнати се системите за мониторинг на квалитетот на воздухот, воведени се построги контроли и интегрирани еколошки дозволи за индустриските капацитети, како и подобрувања во инспекцискиот надзор.
Меџити информираше и за изградбата на регионални центри за управување со отпад, со финансиска помош од 55 милиони евра од Европската банка за развој, кои вклучуваат санитарни депонии, трансфер станици и постројки за компостирање.
Во насока на одржлив развој, националната стратегија за управување со отпад 2024-2036 и подготовките за циркуларна економија се во завршна фаза, а заштитата на биодиверзитетот е зајакната со проширување на заштитените површини.
Министерот посочи дека во текот на годината во урбаните средини се засадени повеќе од шест илјади дрвја, а капиталните дотации за еколошки проекти во општините се распределуваат транспарентно и објективно.
Овие активности се дел од стратешката насока на Владата за подобрување на животната средина, здравјето на граѓаните и економскиот напредок на земјата.