Мицкоски: Докажавме дека промената на Уставот не е последна, Македонија е во одлична позиција

ИСТОРИЈА, Македонија

Премиерот рече дека не го доживува како победа туку како разочарување предлог-амандманот со кој се предложи во извештајот за напредокот на земјава да се вметне додавката „модерен“ пред македонски јазик, оценувајќи го за преседан обидот за, како што вели, создавање вештачка нација и идентитет.

Успеавме во намерата да покажеме дека промената на Уставот не е последна – тоа е почеток на еден процес којшто нема да има крај, изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Македонската радио-телевизија, коментирајќи го она што денеска се случуваше на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

Премиерот рече дека не го доживува како победа туку како разочарување предлог-амандманот со кој се предложи во извештајот за земјава да се вметне додавката „модерен“ пред македонски јазик, оценувајќи го за преседан обидот за, како што вели, создавање вештачка нација и идентитет.

„Во 21. век во Европа бевме сведоци на обид за создавање на вештачка нација и идентитет, бидејќи тој амандман којшто денеска беше предложен де факто е обид да се создаде некоја нова ‘модерна’ македонска нација, или некој нов ‘модерен’ македонски јазик што е само по себе преседан. Јас сум како човек и како Македонец разочаран, така што не го доживувам ова како успех, туку како нешто што за нас претставуваше пречка која што ја поминавме, но не е тоа доволно“, рече Мицкоски во интервјуто за МРТ.

Оттука заклучи дека проблемот не бил во промената на Уставот туку во македонскиот идентитет и јазик.

„Успеавме во таа голема намера да покажеме дека не е промената на Уставот последна. Тоа е почеток на еден процес кој што нема да има крај. И ние ќе се бориме од внатре. И знам дека за идните генерации ќе оставиме добра подлога. Барем јас додека ја предводам Владата, нема да се чуствува Македонија понижена“, рече Мицкоски.

Премиерот рече дека извештајот за напредокот на земјава, кој во првата половина на јули треба да се најде на пленарна седница на Европскиот парламент, меѓу 8 и 9 јули повторно може да биде нападнат со сличен амандаман, што, како што рече, само по себе преседан бидејќи еднаш е поразен на Комисијата на ЕП.

„Ние се бориме. Не знам дали ќе успееме. Успеавме денеска“, рече Мицкоски.

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц во кој на неколку места има референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.

Пред гласањето, германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, односно од Европската народна партија, предложи амандман во кој пред терминот „македонски јазик и идентитет” се додава „модерен”. Амандманот не беше ставен на гласање бидејќи против тоа се изјаснија шестмина европратеници.