
Милошоски: Жерновски нема оставено ништо зад себе – освен политички трансфери и празни зборовиМилошоски: Жерновски нема оставено ништо зад себе – освен политички трансфери и празни зборови
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, жестоко го критикува поранешниот амбасадор и поранешен заменик министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, поради неговите неодамнешни изјави поврзани со дипломатијата и евроинтеграциите на земјава.
Во својата реакција, Милошоски постави прашање до јавноста: „Дали некој може да наведе барем еден договор што Жерновски го потпишал, а кој бил од реална корист за Македонија?“ Според него, Жерновски сега држи лекции за надворешна политика, додека во минатото аплаудирал на договори што, како што вели, ѝ нанеле штета на државата.
„Жерновски го поддржа Договорот за добрососедство со Бугарија, ги фалеше протоколите потпишани од Бујар Османи, а токму тие документи ја доведоа Македонија во подредена положба“, нагласува Милошоски.
Тој потсети и на „експертската“ изјава на Жерновски како претседател на ЛДП, кога тврдеше дека ќе се сруши северната трибина на Градскиот стадион, проект што подоцна се реализираше и стана симбол на македонскиот спорт.
„Ниту како градоначалник на Центар, ниту како заменик министер, Жерновски нема реализирано ниту еден капитален проект. Единствениот негов капитал беше политичкиот трансфер од ЛДП во СДСМ – за да добие функција,“ вели Милошоски.
Тој го обвини Жерновски дека некогашната партија ЛДП ја заменил за фотелја во владата на СДСМ, и дека сега нема кредибилитет да зборува за интегритет.
„Жерновски денес го нарекува ‘дебакл’ извештајот од Комисијата за надворешни работи во ЕУ Парламентот, во кој се потврдуваат македонскиот јазик и идентитет – без фусноти и загради. Тоа е дипломатски успех, за разлика од времето кога Жерновски и неговите тогашни шефови ги прифаќаа понижувачките додавки во европските документи,“ истакнува пратеникот.
Според Милошоски, Македонија денес е репрезентирана достоинствено од актуелните лидери на меѓународната сцена, додека Жерновски, Заев и Фрчкоски, како што вели, „ја влечеа државата надолу“.
„Народот веќе ја испрати пораката. Времето кога Жерновски ја претставуваше Македонија – заврши,“ заклучува Милошоски.