
Изгласан извештајот на Вајц – одбиени амандманите од бугарските европратеници
Со 40 гласа за, 19 против и 10 воздржани Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои Извештајот за Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. Тој рече дека е задоволен бидејќи, како што истакна Извештајот е изгласан со широко политичко мнозинство.
-Горд сум на целат напорна работа што беше вложена во наоѓањето копромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување, изјави Томас Вајц, европратеник.
Бугарските европратеници жестоко се спротивставија на текстот на овој Извештај поради тоа што на две места се спомнува македонскиот идентитет и јазик. Тие доставија и амандман кој од името на Европските народни партии го предложи германскиот европратеник и координатор на групата Михаил Галер од германската ЦДУ. Во него се бара македонски јазик и идентитет да стои модерен, но предлогот не помина по што беше најавено дека истиот ќе биде предложен и на пленарната седницата на Европскиот парламент.
-Во име на групата би сакал да предложам еден амандман кој се однесува на компромисот 1 и 10 и едноставно се додава зборот модерен на 4 места, со што треба да биде модерен македонски јазик и идентитет, изјави Михаил Галер, европратеник.
Во Извештајот се наведува целосна поддршка на земјава за европската интеграција но и се бара усвојување на уставните измени. Во делот на функционирањето на демократските институции се нотира голема политичка поларизација, потреби од измени на Изборниот законик, како и справување со корупцијата. По денешното гласање во Комитетот Извештајот треба да се изгласа и на пленарна седница на Европскиот парламент кој треба да се одржи од 7 до 10 јули во Стразбур.