
Нова детска градинка во Битола: Коњановски најави почеток со работа во септември
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, ја посети новата детска градинка која се уредува во просториите на поранешниот Дом за доенчиња и мали деца. Објектот, кој е целосно реконструиран, се очекува да започне со работа на почетокот од новата учебна година, во септември.

Реконструкцијата и опремувањето на градинката се реализираат со средства од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Општина Битола. Во моментов, се врши внатрешно уредување со мебел, кујнска опрема, постелнина и друг потребен инвентар.
„Со оваа инвестиција директно го намалуваме притисокот врз постојните капацитети на градинките и овозможуваме повеќе битолски семејства да добијат пристап до квалитетна предучилишна грижа“, изјави Коњановски при денешната посета.

Новата установа ќе функционира како клон на ЈОУДГ „Мајски цвет“ и ќе има капацитет за згрижување на 80 деца, поделени во четири групи: јаслена, хетерогена група за деца од 2 до 4 години, група за деца од 4 до 5 и една за деца од 5 до 6 години.
Во текот на летото, дворот на градинката ќе биде дополнет со реквизити за игра, а внатрешниот простор со дидактички материјали.
Со отворањето на оваа градинка, Битола прави уште еден чекор во унапредување на детската заштита и создавање подобри услови за родителите.