
Рамадан Имери, потпретседателот на огранокот на ДУИ во Дебар, се приклучи на коалицијата Вреди
„Рамадан Имери, потпретседател на ДУИ во Дебар и директор на средното училиште ‘28 Ноември’, ѝ се приклучи на коалицијата Вреди.“ – објави вчера вицепремиерот и еден од лидерите на Вреди Изет Меџити преку својот фејсбук-профил. Ова го пренесе информативната агенција на албански јазик „Журнал“.
Агенцијата истакнува: Преку фејсбук-профилот Меџити порача дека одлуката на Имери да стане дел од Вреди е „јасен показател дека промените се случуваат и внатре во самите структури на ДУИ“. „Кога дури и нивните раководители ја избираат промената, јасно е кој ја претставува иднината.“ – напиша Изет Меџити на општествената мрежа.
Овој потег се смета како уште еден удар за ДУИ во пресрет на значајните политички случувања во земјата, додека Вреди продолжува да ги зајакнува своите редови со познати личности од политичката и институционалната сцена на Албанците во Македонија. – објави „Журнал“.