
Какво време може да очекуваме во јули и во август – прогнозите ќе ве изненадат
Климатолошкиот феномен Ла Ниња, кој го одбележа изминатиот зимски период, повторно ќе засили во втората половина од летото, како и во есенските месеци. Според прогнозите на метеопрогнозерот Славчо Попоски, тоа ќе има значително влијание врз временските услови во Македонија и регионот.
Ла Ниња обично предизвикува нестабилно време, почести врнежи и поголем ризик од временски непогоди. Така, иако ќе има топлотни бранови во јули и август, тие нема да бидат долготрајни како минатото лето, туку повремено ќе бидат прекинувани со поројни дождови и локализирани поплави.
Се очекува летото да биде динамично, со чести пресврти во времето и потенцијал за екстремни временски непогоди. Според Попоски, ова е резултат не само на активната фаза на Ла Ниња, туку и на глобалните климатски промени кои влијаат на зачестеноста и интензитетот на непогодите.
„Што се однесува до топлотните бранови во јули и во август, истите ќе ги има, нормално, ќе имаме и засилени топлотни бранови кои ЛА НИЊА нема да дозволи да траат многу долго, како минатото лето кога се соочивме со екстремни и долги топлотни бранови и екстремни сушни периоди“ – вели Попоски.