СДСМ измеќарува на ДУИ, нема да има кандидати каде што сметаат на Ахмети

Македонија

СДСМ на претстојните локални избори во октомври нема да има кандидати на свои градоначалници во неколку општини, каде што ДУИ ќе настапи со свои кандидати.

Според информации од Извршниот одбор на СДСМ, кои ги пренесува порталот Либертас, партијата нема да има кандидати за градоначалници во Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Желино, како и во скопските општини Сарај и Чаир. Во овие општини СДСМ ќе настапи само со советнички листи.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес конференција вчера ги објави имињата на 19 кандидати за градоначалници кои добиле поддршка од партиското раководство за претстојните избори.

Потегот на СДСМ се оценува како потврда на веќе најавената коалициска стратегија – таму каде што ДУИ има кандидат, СДСМ нема да настапува со свој, и обратно. Веројатно оваа координација е резултат на договор помеѓу Бихаќка и Мала Речица.

Иако нема да настапуваат со градоначалнички кандидати во овие општини, и СДСМ и ДУИ ќе имаат одделни листи за советници, со цел да се измери нивната поддршка меѓу гласачите.

Потсетуваме, СДСМ и ДУИ беа коалициски партнери цели седум години во централната власт.