Битола ја отвора дебатата за праведна транзиција: Работникот во центарот на промените

Македонија

Во хотелот „Милениум“ во Битола се одржа панел-работилницата „Работникот во фокусот на праведната транзиција“, во организација на Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ), во соработка со Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС) на општина Битола.

 

Настанот беше посветен на улогата на ЛЕСС-овите во процесите на енергетска транзиција, со фокус на заштита на работничките права, вклученост на заедниците и одржлив локален развој. Секретарот на Општина Битола и заменик-претседавач на ЛЕСС, Борче Димитровски, истакна дека ЛЕСС-от има важна посредничка, советодавна и мобилизирачка улога во трансформацијата кон климатски неутрална економија.

Воведни обраќања имаа и Мери Нашоку од МКЦ и Игор Ѓерасов, претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР). Меѓу говорниците беше и Корина Зиролд од Европскиот синдикат за индустрија, која даде осврт на европските искуства со декарбонизацијата и нејзиното влијание врз работниците, синдикалното организирање и локалните заедници.

 

Сашка Петровска од Универзитетот Манчестер се осврна на психолошките и социо-економските последици од енергетската транзиција врз локалното население, укажувајќи дека стабилноста и идентитетот на заедниците се подеднакво важни како и економските аспекти.

Во рамки на настанот се одржа и работилница на тема „Зајакнување на улогата на ЛЕСС-овите во процесите на праведна транзиција на централно и локално ниво“, модерирана од Елена Николовска од Еко-Свест.

Настанот се реализира во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“, со поддршка од Меѓународниот центар Олоф Палме од Шведска.