
Бугарски европратеник: ЕП ќе ја отвори Пандорината кутија ако признае македонски идентитет и култура
Никола Минчев, европратеник од коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија, контра најавата дека Европскиот парламент во извештајот за напредокот на Македонија ќе ги спомене македонскиот идентитет и јазик.
„Признавање на култура и на идентитет на која и а да е држава не е работа на Европскиот парламент. ЕП е политички орган, а не историски или културен и, признавајќи култура и идентитет, ќе ја отвори Пандорината кутија и во руги држави да се појават истите барања“, го цитира европратеникот Бугарската телеграфска агенција (БТА).
Минчев се придодаде на хорот бугарски европарламентарци што деновиве оркестрирано го напаѓаат македонскиот премиер Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за одложувањето на гласањето за извештајот во Комисијата за надворешни работи на ЕП, предложен од известувачот Томас Вајц од Австрија, од 4 на 24 јуни. Гласањето во пленарната сала на ЕП во Стразбур, пак, е предвидено за во текот на јули.
Според европратеникот од парламентарната група Обнови ја Европа, изјавите на Мицкоски дека извештајот ги признава многувековните идентитет и култура на Македонија „се разминуваат со реалноста“.
„Би го повикал премиерот на Северна Македонија да го преосмисли своето поведение и однесување како кон Бугарија, така и кон работата на Европскиот парламент“, реплицира Минчев на изјавата на Мицкоски дека очекува бугарските европратеници да ги повлечат своте амандмани на извештајот за Македонија.
Однесувањето на претседателот на македонската влада тој го стави на исто рамниште со српскиот претседател Александар Вучиќ и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Оваа линија на влијание својата потпора ја наоѓа надвор од Европската унија, и тоа во Москва“, заклучи Минчев.