Димитриевски потврди предизборна соработка со ВМРО-ДПМНЕ во некои градови за локалните избори

Македонија, Политика

Дефинитивно за одредени градови ќе имаме предизборна соработка со ВМРО-ДПМНЕ или поддршка со реципроцитет на едните или другите кандидати, на едната или другата политичка партија, изјави синоќа претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој ќе се кандидира за уште еден градоначалнички мандат.

Во гостување на централниот дневник на телевизија Сител, Димитриевски истакна дека на претстојните локални избори кои треба да се случат наесен, ЗНАМ ќе трча со свои кандидати за градоначалници, додека ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција со свои кандидати, но, вели, дефинитивно за одредени општини ќе има предизборна соработка.

„ЗНАМ трча со свои кандидати, ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција со свои кандидати. ЗНАМ трча со сопствени советнички листи, ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција со нивни советнички листи, но дефинитивно за одредени градови ќе имаме предизборна соработка или поддршка со реципроцитет на едните или другите кандидати, на едната или другата политичка партија. Начелно ова се разговара, а епилогот од разговорите ќе следи и ќе го објавиме официјално“, посочи Димитриевски.

Прашан дали има прелиминарен договор со ВМРО-ДПМНЕ за негова поддршка во Општина Куманово, тој рече дека се водат интензивни разговори на таа тема и нагласи дека неговите очекувања се да се постигне таков договор.

Димитриевски посочи дека разговорите не се водат само за поддршка во Општина Куманово, туку и за други општини ширум земјава, но, како што рече, ќе причека сето тоа да се официјализира.