
Министерката Божиновска со порака до студентите: Вие сте енергијата што ја движи иднината
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска лично ги посети студентите од ФЕИТ кои ја започнаа својата пракса во Министерството. Таа изрази големо задоволство од ентузијазмот и желбата за учење кај новата генерација инженери.

„Токму ваква е таа нова генерација што сакаме да ја задржиме тука – во институциите, во земјата, во иднината“, истакна Божиновска.
Студентите се распоредени по одделенија за енергетика, обновливи извори и енергетска ефикасност, каде со поддршка од ментори од редовите на администрацијата, добиваат реален увид во работата на институцијата и активно се вклучуваат во тековните задачи.

Божиновска нагласи дека на земјата ѝ се потребни млади кои не само што ја разбираат технологијата, туку имаат и желба да направат разлика. „Ќе бидеме тука да ги поддржиме на тој пат“, порача министерката.