Мицкоски и Коњановски ја отвораат новата ера на развој во Битола со големи инвестиции

Македонија

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска оствари работна посета на општина Битола, каде што се фокусираше на реализацијата на неколку значајни капитални проекти кои ќе го променат ликот на градот. Во придружба на министерот за култура, Зоран Љутков, и други владини претставници, Мицкоски ја означи почетокот на реконструкцијата на поранешното Кино „Партизан“, како и увид во повеќе објекти од инфраструктурни и културни инвестиции.

 

Еден од клучните проекти е реконструкцијата на Центарот за спорт и рекреативни активности, поранешната боксерска сала, којашто ќе добие нов живот со поддршка од над 40 милиони денари. Исто така, во тек се и изградбата на нова детска градинка во комплексот АРМ, како и изградбата на нов влез во градот од страната на Прилеп, проект што не бил реализиран со децении.

„Кога ќе се соберат сите инвестиции – во топлификацијата, пречистителната станица, улиците, парковите, училишта и градинки – Битола во наредниот период ќе добие над 100 милиони евра. Ова е доказ за силната поддршка што ја има општината од Владата“, изјави премиерот Мицкоски.

 

Министерот за култура Љутков потенцира дека реконструкцијата на киното „Партизан“ ќе го врати Битола на пиедесталот на македонската култура. Објектот ќе се претвори во мултинаменски простор за кино, театар, изложби и други настани, со цел да овозможи простор за култура и образование, особено за младите.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изрази благодарност за големата поддршка од Владата и истакна дека во моментов во градот се активни повеќе од десетина градилишта. Тој посочи дека проектите опфаќаат инфраструктура, спорт, образование и урбан развој, со цел да се исполни она што им е ветено на граѓаните.

Посебен акцент стави на изградбата на нова спортска сала за боксерите, која ќе им обезбеди модерни услови за тренинг и натпревари, како и на изградбата на три нови детски градинки во градот.

Премиерот и неговата делегација апелираа до изведувачите на проектите да се придржуваат до договорената динамика со цел навремено и квалитетно завршување на сите капитални инвестиции.

Со овие инвестиции Битола добива нова енергија за развој, а граѓаните ќе добијат подобри услови за живот, работа и рекреација.