
Божиновска: Македонија е подготвена за зелена и одржлива енергетска иднина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во рамки на разговор со Франческо Ла Камера, генерален директор на Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), истакна дека Македонија е цврсто посветена на спроведување на фер, инклузивна и безбедна енергетска транзиција.

„Ќе создадеме услови каде што инвестициите, иновациите и граѓаните одат во иста насока – кон безбедна енергетска и климатска трансформација“, порача Божиновска, нагласувајќи ја важноста на следење на европските и светските трендови како предуслов за напредок.
Според неа, енергетската иднина на земјата се заснова на три клучни принципи: повеќе чиста енергија, стабилни системи и усогласеност со европските и глобалните стандарди. Разговорот со првиот човек на IRENA претставува дел од поширокиот ангажман на Македонија во рамки на меѓународните иницијативи за климатска акција и одржлива енергетика.

Божиновска потенцираше дека земјата е дел од глобалното енергетско семејство и дека ќе продолжи да работи на создавање амбиент што ќе ги охрабрува инвестициите во обновливи извори, модернизација на системите и активна вклученост на граѓаните во процесите на енергетска трансформација.