
Откриени детали од зад сцената: „Од ЕХФ најпрво инсистирале финалето со АЕК да се игра, но потоа трофејот е доделен на Алкалоид!“ (ВИДЕО)
Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ со Дарко Панчев“, македонскиот селектор и тренер на Алкалоид, Кире Лазаров, открива и детали околу тоа што се случувало зад сцената на реванш-дуелот од финалето во Европскиот куп на ЕХФ и моментите на исчекување дали ракометарите на грчки АЕК ќе се одлучат да го играат или не финалниот дуел.
Лазаров открива дека, во тој прв момент претставниците на ЕХФ а и низ контактите потоа цврсто стоеле на став дека реванш-натпреварот ќе мора да се игра затоа што, сепак, е финале. Но, потоа, по деталниот „скен на целата ситуација“ е донесена единствената исправна одлука – трофејот да биде доделен на Алкалоид поради неоправдана одлука на Грците да не излезат на теренот во Скопје.
„Низ разговорите со претставниците на ЕХФ, јас категорично им нагласував дека аргументите се на наша страна и очекуваме да го добиеме натпреварот. Затоа што не може навивачите на еден клуб да диктираат дали ќе се игра или не еден меѓународен натпревар под капата на највисоката европската ракометна институција, и тоа финале. Јас тоа се обидов да му го образложам на човекот што беше од ЕХФ. И неговата реакција беше: ‘Кирил, те разбирам, меѓутоа шампионот во Европскиот куп мора да се реши на терен. Сепак е финале’. Добро, викам, да го решиме, но тој терен да не биде Ќустендил, Варна, Приштина или Загреб, или не знам каде. Тоа мора да биде на овој терен во Скопје. А, ако дојдете на овој терен пак, тогаш зошто би играле во празна сала? Нашите навивачи не направија ништо за да ги избркаме, со забрана за да им го скратиме финалето. А ако има полна сала, значи тоа е дополнителен проблем. Сепак, тој реши, беше дециден во тој момент, кажа: „Не, натпреварот ќе мора да се одигра!“. Па, ние бевме подготвени, на крајот на краиштата, добро, ако мора да се одигра ќе го одиграме“ – вели Лазаров.
Сепак, по десет дена размислување, на крај ЕХФ одлучи, онака како што е единствено исправно, Алкалоид со 10-0 го доби натпреварот во Скопје и го освои својот прв европски трофеј.
„После, очигледно, сепак, размислија… Направија еден добар ‘скен’ и на крај се донесе одлука во наша корист. Иако, ние бевме подготвени и да играме… Затоа што задоволството ќе беше уште поголемо да го одиграме натпреварот. Нашите играчи беа подготвени да играат. Тие беа разочарани зошто не го одиграа. Беа многу разочарани. Сè уште владее разочарувањето. Ние спортистите на терен сакаме да победуваме… Нема поубаво да подигнеш трофеј европски на терен…“ – истакнува Кире Лазаров.