Стерјовски: Македонците мора да бидат застапени во албанската полиција – тоа гради доверба и безбедност

Балкан

12 јуни 2025 година, Драч, Албанија – Од исклучителна важност е македонската заедница, како и другите заедници во Албанија, да бидат соодветно застапени во редовите на Државната полиција, изјави лидерот на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски на семинарот организиран од Единицата за соработка против дискриминација при Советот на Европа, одржан во Драч, Албанија.

 

Тоа, оцени тој, не само што го зајакнува претставувањето, туку и ја зголемува довербата на граѓаните во државните институции и придонесува кон побезбедно и поинклузивно општество.

  • Во општина Пустец, која претежно е населена со Македонци, раководителот на полициската станица треба да биде од редовите на Македонската заедница, за да се обезбеди правична застапеност и изградба на взаемна доверба, – нагласи Васил Стерјовски.

Во излагањето потсети дека во почетоците на демократските процеси во Албанија, по падот на комунистичкиот режим во раните 90-ти години, малцинствата често беа гледани како закана за државата.

 

  • Во тој период, во рамки на формирањето на националната полиција и армија, сите припадници на Македонската заедница, како и на другите заедници, беа исклучени од редовите на безбедносните сили. Денес времињата се променети и затоа од големо значење е вклучувањето на припадниците на заедниците во редовите на безбедносните сили, – рече Стерјовски.

На регионалниот семинар за претставници на институциите за спроведување на законот и граѓанското општество од Западен Балкан и Источните земји, на тема “Зајакнување на одговорот на полицијата кон омразата врз етничка и верска основа“, Васил Стрејовски учествуваше на покана од Одделението за анти-дискриминација при Советот на Европа.

На семинарот стана збор за улогата на институциите за спроведување на законот во соработка со ранливите групи и малцинските заедници, во рамките на заедничките програми за борба против дискриминацијата на Европската Унија и Советот на Европа за земјите од Западен Балкан и Источните земји.

Исто така, се дискутираше за начините за справување со омразата и дискриминацијата врз етничките и религиозните малцинства, фокусирајќи се на стратегиите за спречување на злосторства од омраза; градење доверба меѓу полицијата и заедниците; собирање податоци за инциденти поврзани со омраза; како и добрите практики од различни земји од Европа.