Култура и туризам во фокусот: Љутков и Коњановски со заедничка визија за Битола

Македонија

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари работна посета на Битола, при што заедно со градоначалникот Тони Коњановски ја посетија дел од националните установи од областа на културата. Целта на посетата беше евалуација на досегашната реализација на програмите и потврда на поддршката што државата ја дава за културниот и туристички развој на градот.

 

„Во сите институции е направен значаен чекор напред. Работат со двојно поголеми буџети и реализираат проекти кои директно ја подобруваат понудата,“ изјави министерот Љутков. Тој најави дека во Завод и музеј Битола се реализираат проекти за реставрација и уредување со вредност од над 2,5 милиони денари, а археолошките истражувања ширум државата, кои со години беа запоставени, сега повторно добиваат поддршка од 12 милиони денари за следните три години.

Љутков ја потенцираше и реновираната сувенирница во рамки на музејот, изградена со сопствени средства, како позитивен пример за туристичка понуда која се темели на локални ресурси.

 

Градоначалникот Коњановски истакна дека Битола е културна мека со седум национални установи, а во изминатите години градот доживеал вистински процут во областа на културата.

„Се гордеам што сме град кој живее култура. Нашите и нивните настани се исти – делиме визија и заедничка енергија,“ рече Коњановски, кој најави и почеток на културното лето со интересен настан.

Министерот Љутков најави и реализација на капитален проект – реконструкција, санација и адаптација на старото Кино „Партизан“, со буџет од 94 милиони денари. Договорите со изведувач и надзор се веќе потпишани, а работите ќе започнат до крајот на месецот.

Битола останува пример за успешна синергија помеѓу државната политика и локалната културна визија, со растечка туристичка и културна понуда.