
Коњановски: Честитки за титулата – Битола гордо слави со Еурофарм Пелистер
Битола синоќа блесна во зелено-бели бои, прославувајќи ја третата последователна и вкупно деветта шампионска титула на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер. Платото пред Офицерскиот дом беше центарот на славјето, каде илјадници битолчани им оддадоа чест на своите херои.

Само еден ден откако ја освоија титулата во Скопје со победа над големиот ривал Вардар, ракометарите се вратија во својот град, каде беа пречекани со овации, песни и пиротехника. Атмосферата кулминираше кога играчите се појавија на терасата на Офицерскиот дом – првпат во историјата на Битола еден спортски тим да излезе токму на тоа место пред своите навивачи.
Навивачката група Чкембари приреди спектакуларна баклијада, а свечениот момент беше заокружен со изведбата на песната „Ако одам во Битола“ од Димитар Андоновски – химна која уште еднаш ја потврди нераскинливата врска меѓу градот и клубот.

Градоначалникот Тони Коњановски им честиташе на играчите и стручниот штаб за големиот успех, нагласувајќи дека оваа титула има посебна тежина бидејќи е извојувана во директен дуел со најголемиот противник, и тоа на негов терен.
„Битола уште еднаш докажа дека живее за спортот. Градот е горд на вас“, порача Коњановски.