
Божиновска: Почнуваме силен инвестициски циклус за модерна и зелена енергетика
Македонија влегува во сериозна фаза на инвестициски циклус во енергетиката со конкретни проекти, договори и меѓународни партнери. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, предводено од Сања Божиновска, веќе го отпочна процесот на јакнење на електроенергетската инфраструктура и зголемување на капацитетите за производство на електрична енергија од обновливи извори.
„Сакаме и мораме да инвестираме во јакнење на преносната мрежа“, изјави Божиновска, истакнувајќи дека веќе се обезбедени средства за новата трафостаница „Милетково“. Во тек е и изработка на мастер план што ќе ја идентификува критичната инфраструктура каде е неопходно итно вложување за стабилност и сигурност на мрежата.
Во делот на производството, АД ЕСМ го проширува ветерниот капацитет во Богданци. Потпишан е договор со „Siemens Energy“ за изградба на ветерниот парк Богданци 2, а во напредна фаза на подготовка се и други проекти за обновливи извори на енергија.
Особено значајно е вклучувањето на реномирани меѓународни финансиски институции кои за првпат стануваат дел од македонската енергетика. Меѓу нив се Француската развојна банка и Италијанската развојна банка, како и други стратешки партнери кои го препознаваат сериозниот и системски пристап на Владата во енергетската транзиција.
Оваа нова фаза е клучен чекор кон стабилна, независна и зелена енергетска иднина на државата.