
Коњановски: Од 7 до 77 – Битола вечерва повторно слави со своите шампиони!
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, со голема радост и гордост ја најави продолжената шампионска еуфорија во градот, по синоќешниот емотивен пречек на ракометарите на Еурофарм Пелистер.

„Битола ќе слави три дена! Вчера доцна вечерта заедно со Чкембарите и илјадници граѓани ги пречекавме нашите спортски херои, момците што го вратија шампионскиот пехар таму каде што припаѓа – дома, во Битола,“ изјави Коњановски.

Во духот на капитенот на Пелистер, Филип Кузмановски – Фитиљо, градоначалникот упати јавен повик до сите битолчани: „Вечерва, од 20:00 часот, ве повикувам сите – од 7 до 77 години – да се собереме пред Офицерскиот дом и да ја продолжиме прославата заедно со нашите шампиони, кои веќе станаа живи легенди на битолскиот спорт.“

Прославата, која започна со емотивен пречек и еуфорична атмосфера, продолжува со голема програма на платото пред Офицерски. Битола уште еднаш покажа дека знае да слави и дека стои зад својот тим со безрезервна поддршка, и во победа и во предизвик.
Шампионската Битола – тресе, пее и слави!