
Божиновска: Како Влада правиме се да нема ценовни шокови за граѓаните
„Како Влада правиме се да нема ценовни шокови за граѓаните. Јас сум убедена дека нема да има нови поскапувања, односно од 1 јули се надевам дека ќе остане истата цена за граѓаните. Ние ќе работиме да го зголемиме домашното производство.“ изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во денешното гостување на јавниот сервис.
Министерката во својот одговор појасни дека цената на електричната енергија ја утврдува Регулаторната комисија за енергетија (РКЕ) и дека делот кој најмногу влијае врз финалната цена е цената која ќе ја даде АД ЕСМ. Според Божиновска цената пред јавноста треба да биде соопштена во текот на следните денови.
Во понеделникот на брифинг со новинарите беше најавено дека цената по која АД ЕСМ ќе ја продава електричната енергија на ЕВН ќе остане иста т.е. 62 евра за мегават час за 100% од вкупно планираните количини.
Крајната цена покрај делот на АД ЕСМ ја опфаќа и цената на преносниот систем оператор АД МЕПСО, цената на операторот на пазар на електрична енергија НЕМО, како и цената на операторот на дистрибутивната мрежа ЕВН Електродистрибуција.