
Ѓорѓиевски: Локалната власт мора да биде достоинствена, транспарентна и одговорна
На можеби последното Генерално собрание во актуелниот состав на ЗЕЛС, претседателот Орце Ѓорѓиевски упати емотивна и инспиративна порака до делегатите, потсетувајќи ги на важноста на нивната улога во локалната самоуправа.

„Работевме многу, работевме посветено и чесно!“, порача Ѓорѓиевски, благодарејќи им на сите делегати, особено на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за нивната работа и посветеност во изминатиот мандат. Тој најави дека веќе е започната подготовката на новата стратегија на ЗЕЛС за периодот 2026-2030 година.

„Не заборавајте – таму каде што сте, вие сте заради довербата на граѓаните! Таа доверба е најскапиот капитал што го имаме“, рече Ѓорѓиевски, поттикнувајќи ги колегите да останат доследни на ветувањата дадени на граѓаните и да се потрудат до крајот на мандатот да завршат сè што е започнато.

Во пресрет на претстојните локални избори, тој упати честитки до оние што веќе се на кандидатските листи и ја истакна потребата од фер, демократски и достоинствени избори.
„Да покажеме дека зрелоста на едно општество се мери и со начинот на кој ги спроведува изборите. Нека бидат празник на демократијата, а не арена на поделби“, додаде Ѓорѓиевски.
На крајот од својот говор, тој упати порака на охрабрување: „Се надевам дека многумина од вас ќе ја продолжат оваа мисија и понатаму, но без разлика на исходот, останете посветени, одговорни и водени од љубовта кон луѓето.“
Со зборовите „Продолжуваме!“, Орце Ѓорѓиевски симболично ја заокружи оваа фаза од работата на ЗЕЛС и ги поттикна своите колеги да го продолжат патот на реформите и развојот на локалната самоуправа.