
Орце Ѓорѓиевски: Време е депониите да станат паркови, а свеста – наш сојузник
На покана на првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, присуствуваше на централниот настан по повод Светскиот ден на животната средина, одржан под мотото „Заедно создаваме одржлива иднина“.

Настанот вклучуваше конференција со две панел-дискусии, кои се фокусираа на одржливото управување со заштитени подрачја, современи пристапи во управувањето со отпадот и имплементација на зелени технологии. Преку разговори со експерти, носители на политики и претставници на граѓанскиот сектор, беа споделени примери на добри практики и идеи за идни чекори во заштитата на животната средина.

Особено внимание предизвикаа и презентациите на ученици од Скопје и други делови на Македонија, кои се дел од ГЛОБЕ програмата за искуствено еколошко образование. Поддржани од УНИЦЕФ и Министерството за животна средина, младите претставија свои истражувања и проекти, нагласувајќи ја важноста на воспитување на свесни и одговорни генерации.

Градоначалникот Ѓорѓиевски испрати порака за единство и ангажираност, нагласувајќи дека унапредувањето на животната средина мора да остане приоритет. Тој најави конкретни активности како претворање на депонии во парковски површини, пошумување, акции за чистење и едукација за правилно селектирање и одложување на отпадот.
„Заедно можеме!“, потенцираше Ѓорѓиевски, упатувајќи апел за продолжување на заедничките напори во градење на зелена, здрава и одржлива иднина за сите.