Професорката Алексиќ за матурските забави: Предолго време се слуша турбо-фолкот по дискотеки!

Lifestyle, Живот

Татјана Алексиќ, професорката по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, како и секогаш гласна и директна за бројни теми кои ги засегаат младите, но и родителите и професорите.

Матурските прослави поминаа, а таа даде коментар за музиката која ја слуша македонската младина.

Ви го пренесуваме нејзиниот став во целост:

– Матурските забави поминаа, а музиката уште ни татни низ ушите. Уште ,,грми” што би рекле младиве ,,грмиш не се трпиш”. Секоја година, оптимистички очекувам промена кај младите во изборот на музичкиот дискурс за матурските прослави. Долго, предолго време се слуша турбо-фолкот по дискотеки. Ерес е да слушаш турбо-фолк во дискотека, треба да се прекрстат во фолкотеки.

Музиката треба Орфејски да нѐ зближува, облагородува, воздигнува и ослободува. Музиката треба да го осмисли и да го слави животот, да ја слави љубовта, позитивните вредности и идеали… Децата првин слушаат музика, ја впиваат во меморија. Затоа музиката е првиот воспитувач на човекот.Според Платон образованието треба да е поделено на музика и гимнастика. Музика значи сѐ што потекнува од музите, она што се нарекува културa. Целта на кутурата (музиката) е да прави од луѓето џентлмени. Новокомпонираната музика, без оглед на брзиот и навидум весел ритам, некако ми е депресивна, мачна за слушање не само поради вулгарните, прости строфи и рефрени ( ,,кец, кец, кецељица испод ње је веверица” или ,,гинем, гинем да ти скинем хаљину што шушти…”), туку и поради мрачните, депресивни ,,жалопојки” , гнев и бес, или пак патетични ,,хвалопојки”, самобендисани рефрени во стилот ,,не може нам нико ништа јачи смо од судбине”…). Добрата музика не вреска, не крешти, не прави бучава. Не поттикнува на агресија, блуд и разврат. Добрата музика е мевлем за душа, прави простор во душата и ја лекува. На толку убави македонски песни, било народни или авторски, невозможно е да ни се допаѓаат новокомпонираните текстови! Музиката е нашето огледало. Огледајте се во тоа што го слушате!