
ВЛЕН го именува Аднан Азизи за шеф на изборниот штаб пред локалните избори
Пратеникот Аднан Азизи е назначен за шеф на Централниот изборен штаб на политичката платформа ВЛЕН за претстојните локални избори, кои ќе се одржат во октомври оваа година. Одлуката беше официјализирана вечерва на настан во Скопје, на кој присуствуваше и претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибраими.
„Денеска сме тука да го промовираме поставувањето на Централниот штаб на ВЛЕН. Со овој орган уште еднаш потврдуваме дека ВЛЕН се унифицира како заеднички субјект за заедничкиот настап на локалните избори наесен“, изјави Ибраими.
На новинарско прашање кога ВЛЕН ќе биде регистрирана како политичка партија, Ибраими појасни дека за тоа се водат дискусии, но смета дека административната форма не е приоритет.
„Тоа е прашање што има и правни и политички аспекти, но тоа е веќе помалку важно, бидејќи е во сферата на администрацијата. ВЛЕН веќе функционира како еден заеднички субјект“, рече тој.
Во однос на лидерството во ВЛЕН, Ибраими изјави дека тоа прашање досега не било предмет на разговор, додавајќи дека „не се важни личните имиња во споредба со ВЛЕН како политички субјект“.
Настанот се одржа во просториите на Филхармонијата во Скопје и претставува дел од подготовките на ВЛЕН за изборната кампања.