
Синот на Беџети добил 12 илјади евра од Комунална хигиена – ВМРО-ДПМНЕ обвинува за злоупотреби во Скопје
Синот на градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, добил 12 илјади евра од ЈП Комунална хигиена – Скопје по основ на авторски договори за интелектуални услуги, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.
„И додека се случува циркусот Данела, дознаваме како едвај полнолетниот син на Блерим Беџети добил 12 илјади евра од Комунална хигиена на Данела Арсовска. Градот нема автобуски превоз, Скопје се дави во ѓубре, а тие си местат тендери,“ се вели во соопштението на партијата.
Оттаму додаваат дека „со оглед на состојбата на Арсовска, која се злоупотребува од ДУИ на нечовечки начин“, фокусот на партијата ќе биде насочен кон, како што велат, „вистинскиот управител на овој процес – Блерим Беџети“.
Коментарот доаѓа по денешната прекината седница на Советот на Град Скопје, за која советничката група на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека нема да учествува во, како што го нарекоа, „циркусот на меѓусебни обвинувања и политикантство креирано од коалицијата ДУИ, СДСМ и Левица, со единствена цел – политичкиот опстанок на Арсовска“.
Партијата посочува дека не може да се решат триесетгодишни проблеми со една седница, ниту, како што велат, „Арсовска која 4 години преспа на функцијата, може да го реши проблемот со дивоградбите 4 месеци пред избори“.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека нема да влегуваат во конфликти со градоначалничката за да „не ѝ ја влошат состојбата“ и најавуваат дека нема да бидат дел од „новата епизода што ѝ се случува пред избори“.