
Коњановски: Инвестираме во енергетска ефикасност, но иднината е во рацете на младите
Во организација на Македонското научно друштво – Битола и општина Битола, во Основното училиште „Елпида Караманди“ се одржа интерактивна работилница на тема енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Настанот ги собра учениците од седум битолски основни училишта, во кои веќе се поставени фотонапонски електрични централи.

Градоначалникот Тони Коњановски, кој присуствуваше на настанот, истакна дека вложувањето во енергетска ефикасност веќе носи резултати. Според него, со поставувањето фотоволтаици во седум училишта, годишно ќе се заштедат околу 16.000 евра на електрична енергија – средства што училиштата ќе можат да ги вложат во своите приоритети.
„Работиме на тоа сите училишта да станат енергетски поефикасни. Но, не е доволно само да инвестираме. Треба да ја подигнеме свеста кај најмладите за тоа зошто штедењето е важно, особено во време на климатски промени и загаден воздух. Вашите идеи се важни – вие сте иднината на нашата Битола“, порача Коњановски.

Учениците од училиштата „Елпида Караманди“, „Коле Канински“, „Стив Наумов“, „Даме Груев“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ и „Крсте Петков Мисирков“ презентираа свои сознанија и визии за „зелена“ Битола, преку групна работа и критичко размислување.
Претседателката на МНД, Даниела Андоновска Трајковска, нагласи дека преку ваквите активности се развива еколошката свест и се поттикнува одговорно однесување кај најмладите.
„Важно е децата да разберат зошто постојат соларните панели, како функционираат и зошто се клучни за енергетската иднина. Овој настан е дел од нашата годишна програма на Одделението за технички науки и има цел да ги охрабри децата да размислуваат и да учествуваат во промени што се однесуваат на нивната иднина“, рече Трајковска.
Настанот привлече бројни наставници, ученици и членови на МНД, кои заедно испратија порака за важноста на еколошката свест и одржливиот развој.