
Ѓорѓиевски: Модерен информатички кабинет и заштитни очила за учениците од ООУ „К.Ј.-Питу“
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес присуствуваше на свеченото отворање на целосно обновениот кабинет по информатика во Основното општинско училиште „Кузман Јосифовски – Питу“.

Кабинетот е комплетно реновиран и опремен со нов мебел, заменета електрична инсталација, свежо молерисани ѕидови, како и поставени инспиративни едукативни апликации.
Информатичката опрема, вклучувајќи нови десктоп компјутери, е обезбедена преку донации – од Борче Стаменов преку платформата donirajkompjuter.mk, како и од родителот Кирил Александров. Новиот мебел е донација од Кристијан Димоски, родител и сопственик на компанијата akcija24.mk.

Особено внимание е посветено и на заштитата на здравјето на учениците – со донација од фирмата „Маркев“ ДОО, обезбедени се 32 пара заштитни очила од сина светлина од шпанскиот бренд Barner. Овие очила ќе ги заштитат децата при подолготрајна работа пред компјутерските екрани.
Покрај основното училиште, во подрачното одделение за глувонеми деца е поставена и интерактивна табла, донација од Стопанска банка.
„Со вакви вложувања, ја потврдуваме нашата заложба за модерно, достапно и квалитетно образование. Општина Кисела Вода останува лидер во дигитализацијата на наставата, благодарение на силната соработка со заедницата и општествено одговорните компании,“ изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој упати јавна благодарност до сите донатори и подвлече дека заедничкото инвестирање во образованието претставува инвестиција во иднината на државата.
„Кога вложуваме во децата, вложуваме во нашата највредна мисија,“ порача Ѓорѓиевски.