Коњановски потпиша меморандум за културна соработка со археолози од САД и Македонија

Македонија

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска оствари средба со делегација на Американско-македонскиот археолошко-истражувачки тим, на која беше потпишан меморандум за соработка помеѓу општина Битола и Институтот за културно наследство и археологија.

На средбата присуствуваа проф. Николас Ангелоф од Универзитетот Кал Поли Хамболт од Калифорнија, проф. д-р Љубен Тевдовски од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Славчо Кирковски од Институтот за културно наследство и археологија. Меѓу гостите беа и Џефри Крејн, декан на Факултетот за уметност, хуманистички и општествени науки од Кал Поли Хамболт, како и претставници на американски компании заинтересирани за вложување во културниот и археолошки туризам.

На средбата се разговараше за истражувањата на археолошкиот локалитет Градиште Црнобуки, како и за потенцијалот на други локалитети во битолскиот регион. Особено внимание беше посветено на можностите за проширување на меѓународната соработка со европски и американски универзитети и вклучување на нови археолошки тимови.

Со потпишувањето на меморандумот се потврдува заедничката заложба за унапредување на културниот туризам и научното истражување во општина Битола.