Битола пулсираше со адреналин: Успешно одржана „Smolevo Uphill Race“

Македонија

Изминатиот викенд, „Бајк Парк Смолево“ беше центарот на велосипедскиот адреналин во Македонија. Под организација на битолскиот клуб „Екстрим Бајк Тим“, се одржа втората по ред трка „Smolevo Uphill Race“, планинска велосипедска трка на нагорнина, која привлече голем број натпреварувачи и љубители на спортот од целата земја.

 

Трката се одвиваше на патека долга 2,8 километри, која започнува од црквата „Свети Атанас“ во село Смолево и се искачува до каналот, совладувајќи висинска разлика од 187 метри. Средната тежина и најстрмниот нагиб од 7% ја направија трката вистински предизвик дури и за најискусните велосипедисти.

Натпреварувачите беа поделени во категории според возраста и лиценцираноста: јуниори, кадети, сениори, мастерс и жени кај лиценцираните, додека кај рекреативците се натпреваруваа хобисти од 12 до 16 години, хобисти 16+, ветерани 45+ и учесници со електрични велосипеди.

 

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, им се обрати на присутните, изразувајќи поддршка за организаторите и учесниците. Тој нагласи дека Општина Битола ќе продолжи да го поддржува развојот на спортскиот туризам и активниот начин на живот преку вакви настани.

„Smolevo Uphill Race“ полека, но сигурно, прераснува во препознатлив спортски бренд, со потенцијал да стане еден од најголемите велосипедски настани во земјава. Организаторите упатија благодарност до сите учесници и најавија ново издание следната година, уште поголемо и поадреналинско.