
Прва микробранова аблација на тироидна жлезда во ГОБ „8 Септември“ – нов чекор напред во македонското јавно здравство
Денес, на 30 мај 2025 година, со особена гордост ја информирам јавноста дека во ГОБ „8 Септември“ – Скопје за првпат е изведена микробранова аблација (MWA) на тироидна жлезда, процедура од областа на интервентната радиологија што претставува значаен напредок во третманот на тироидни заболувања во нашата земја.
Интервенцијата беше спроведена од страна на стручен тим од одделот за интервентна радиологија, под прокторство на реномираниот проф. Булент Чекич од Анталија, Турција. На овој значаен чекор му претходеше специјализирана обука и работилница, со што се обезбеди највисок стандард на изведба и безбедност за пациентите.
Микробрановата аблација е современа, минимално инвазивна метода со бројни предности
Без хирургија: Не бара општа анестезија и не остава постоперативни лузни.
Брзо закрепнување: Се изведува во рамки на дневна болница, а пациентите заминуваат дома по само неколку часа.
Зачувување на тироидната функција: Се третира само заболениот дел од жлездата, што значително ја намалува потребата од доживотна хормонска терапија.
Оваа метода, заедно со веќе применуваната етанолска аблација, сега е дел од палетата на минимално инвазивни процедури во ГОБ „8 Септември“ и ќе придонесе за подобро управување со тироидните нодули – проблем кој има висока преваленца во македонската популација.
Како директор на Фондот за здравствено осигурување, упатувам срдечни честитки до стручниот тим на ГОБ „8 Септември“ за нивната посветеност, стручност и иницијатива. Воведувањето на MWA технологијата е чекор напред кон ефикасен, модерен и хуман здравствен систем кој е во служба на граѓаните.