Божиновска на форум во Астана: Македонија ја јакне енергетската дипломатија и партнерствата за зелена иднина

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествува на Астана Интернационалниот Форум 2025 – глобална платформа што обединува лидери, визионери и креатори на политики од целиот свет за да дискутираат за иднината на енергијата, климатските предизвици и одржливиот развој.

 

Божиновска ќе се обрати на пленарната сесија насловена „The Resource Race: Who Controls the Green Future?“, фокусирана на глобалната трка за критични минерали, прашањата за енергетска независност и развојот на зелени технологии. Министерката истакнува дека учеството на овој форум претставува значаен чекор за унапредување на енергетската дипломатија на Македонија и отворање нови можности за соработка со земјите од Централна Азија.

„Со вакви настапи, ја зајакнуваме позицијата на Македонија на меѓународната сцена, ги истакнуваме нашите заложби за транзиција кон чиста енергија и градиме партнерства за одржлива иднина“, изјави Божиновска.

 

Форумот во Астана беше отворен од претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, а на него се обратија и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Руанда, Пол Кагаме, како и поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун.