
Коњановски за нов мандат: „Продолжуваме со делата што носат промени за Битола“
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и официјално влегува во трката за втор мандат, откако на вечерашната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше потврден како кандидат на партијата за претстојните локални избори.
Во објава до јавноста, Коњановски изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и партијата за укажаната доверба, потенцирајќи дека досегашните резултати се плод на силна соработка со граѓаните и Владата.
„Успехот подразбира континуитет, а ние ја имаме таа шанса да продолжиме со реализација на проекти кои значат промени кон подобро. Верувам дека со моите битолчани ќе потврдиме дека направениот избор е вистински избор“, изјави Коњановски.
Тој посочи дека изминатите четири години биле исполнети со сериозни предизвици, но и со значајни успеси – особено во делот на инфраструктура, инвестиции и решавање на проблеми кои со децении биле занемарувани.
Со јасна порака за продолжување на започнатите проекти, Коњановски се позиционира како еден од клучните адути на ВМРО-ДПМНЕ во јужниот регион на земјата.