
Тони Коњановски ко-председавач на заедничкиот комитет ЕУ – Македонија во Брисел: Локалните искуства за интеграција и екологија
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, како член на делегацијата на општини при ЗЕЛС, ја имаше чест да биде ко-председавач на заедничкиот консултативен комитет на Комитетот на регионите на Европската Унија и Македонија, кој се одржа во седиштето на Европскиот комитет на региони „Жак Делор“ во Брисел.

На дебатата, Коњановски активно ги сподели искуствата на македонските локални власти во повеќе клучни области, меѓу кои:
процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија, локалната меѓурегионална и прекугранична соработка, перспективите на локалните заедници, како и темите поврзани со справување со загадувањето и заштитата на животната средина.
Македонските општини беа претставувани и од директорката на ЗЕЛС Душица Перишиќ, како и од градоначалниците Јован Тозиевски (Ресен), Ѓорѓе Божинов (Ново Село) и Жарко Ристески (Македонски Брод).

На сесијата свое излагање имаше и амбасадорот Зулфи Исмаили, шеф на мисијата на Македонија во ЕУ, кој организираше и пригодна прослава по повод 80-годишнината од кодифицирањето на Македонскиот литературен јазик.

Овој настан е важен чекор во јакнењето на соработката меѓу ЕУ и Македонија, со посебен акцент на улогата што ја имаат локалните заедници во процесот на интеграција и заштита на животната средина.