Младите Американци сè повеќе се придружуваат на руската црква: Истата им ветува „апсурдна мажественост“

РЕЛИГИЈА, Свет

На интернет може да се пронајдат низа снимки од отец Мојсеј Мекферсон, моќно граден татко на пет деца, како крева тегови со хеви метал. Пред да стане свештеник, тој бил протестант и работел како кровопокривач, а денес служи во Руската православна црква надвор од Русија (ROCOR) во Џорџтаун, Тексас, огранок на Московската матична црква, пишува Би-би-си.

„ROCOR“ е глобална мрежа со седиште во Њујорк која во последно време се шири низ САД, првенствено благодарение на преобраќањето на верници од други деноминации. Во изминатите шест месеци, отец Мојсеј подготвил 75 луѓе за крштевање во неговата црква посветена на Богородица, северно од Остин.

„Кога јас и сопругата се преобративме во православие пред 20 години, го нарекувавме тоа најдобро чувана тајна бидејќи луѓето едноставно не знаеја што е тоа“, вели тој. „Но, во последната година и пол, бројот на членови на нашата заедница се зголеми за трипати“, истакна Мојсеј.

Софтверскиот инженер Теодор вели дека имал работата од соништата и сопруга што ја обожавал, но се чувствувал празно, како нешто да му недостасувало. Тој верува дека општеството е „многу строго“ кон мажите и постојано ги критикува. Тој се жали дека на мажите денес не им е дозволено отворено да кажат дека сакаат да бидат хранители на семејството, додека нивните сопруги се домаќинки. „Денес ни велат дека тоа е токсична врска. А не треба да биде“, вели Теодор.

„Жените треба да го стават семејството пред кариерата“
Речиси сите конвертити со кои разговарал Би-би-си одлучиле да ги школуваат своите деца дома, делумно затоа што веруваат дека жените треба да го стават семејството пред кариерата. Отец Џон Вајтфорд, архиѓакон на „ROCOR“ од местото Спринг, во близина на Хјустон, вели дека домашното образование обезбедува религиозно воспитување и „ги штити децата“ од теми како „трансродност или 57 рода месечно“.

Иако бројот на православни христијани во Соединетите Американски Држави претставува само еден процент од населението, вклучувајќи ги источните православци од Русија, Украина, Источна Европа и Грција, како и ориенталните православци од Блискиот Исток и Африка, оваа мала заедница станува сè погласна.

„ROCOR“ бил основан од руски свештеници во бегство по револуцијата во 1917 година, а денес се смета за најконзервативно православно движење во САД. Неговото растечко влијание и профил во општеството, исто така, ги одразуваат пошироките политички промени во земјата, особено откако Доналд Трамп ја приближи американската политика кон Москва.

„Pew Research“ наведува дека процентот на мажи меѓу американските православни верници се зголемил од 46% во 2007 година на 64%. Слично на тоа, помала анкета меѓу 773 конвертити потврдува дека мнозинството новодојденци се мажи, а многумина велат дека пандемијата ги поттикнала да се впуштат во духовна потрага.