Нека е аирлија – Стојанче Ангелов е именуван за в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување

Македонија

По претходен договор со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, разрешен сум од позицијата директор на Центарот за управување со кризи. Од денес сум в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), изјави денеска Стојанче Ангелов.

„Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија. Покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер тракторите. Во овој момент се уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност. Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостасуваат сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување.

Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин. Постојат и други недостатоци и слабости за кои во следниот период јавноста дополнително ќе биде информирана. Позитивно е тоа што внатре во Дирекцијата работат и одреден број на соодветно образовани, способни и искусни лица, но, за жал, некои од нив не се наоѓаат на вистинските работни места. Заедно со вработените кои ќе покажат амбиција за жестока, напорна и непоколеблива работа, ќе се обидеме да ги надминеме детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на Дирекцијата за заштита и спасување во полна функција“, изјави Ангелов.